Средба на претседателот Иванов со амбасадорот Метју Нимиц
Thursday, 01 February 2018 13:20   
There are no translations available.

Nimic-webПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими амбасадорот Метју Нимиц, специјален пратеник на Генералниот секретар на Обединетите нации за прашањето за името.

На средбата беше разгледана актуелната состојба на процесот кој се води под покровителство на ОН и беа разменети информации и мислења поврзани со идеите и размислувањата на специјалниот пратеник Нимиц, како и со исходот од неговата посета на Атина.

Претседателот Иванов потенцираше дека решението за разликата околу името може да се бара само во рамките на Обединетите нации, и го реафирмираше ставот дека е потребно стриктно придржување до рамката во која се водат разговорите – Повелбата на Обединетите нации, резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и пресудата од Меѓународниот суд на правдата.

Македонскиот претседател истакна дека Република Македонија ќе продолжи и натаму конструктивно да учествува во процесот, со цел изнаоѓање на решение на наметнатиот спор од страна на Грција, кое нема да задира во идентитетот на македонскиот народ и нема да го наруши достоинството на македонските граѓани.

Претседателот Иванов го поздрави интензивирањето на дијалогот и потенцираше дека надминувањето на разликата околу името мора да биде во согласност со меѓународното право и меѓународно преземените обврски.

  Back<<Назад