News
Komemorativna_sednica_za_web
Присуство на Комеморативна седница, посета на семејства на загинатите, посета на повредените во болницата 8-ми Септември
Thursday, 14 February 2019 15:27
There are no translations available.

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во општина Гостивар, се обрати на Комеморативната седница во чест на загинатите граѓани во вчерашната тешка сообраќајна несреќа, што се случи на патот Скопје – Тетово, во близина на селото Ласкарци.

„Ова е тажен ден за Македонија, тажен ден за сите нас. Вакви настани да не ни се случуваат. Нека им е вечна слава", рече претседателотИванов, во своето обраќање на Комеморативната седница.

Претседателот Иванов, во својот говор рече дека во моментите на тага, треба тагата да ја споделуваме и да помислуваме на живите, како на најблиските да им помогнеме да ги пребродат овие најтешки моменти во нивниот живот.

„Овие се моменти на тага и на жал за загубените животи. Тешки се деновите кога искажуваме сочувство на роднините, пријателите, бидејќи сообраќајките се настани кога некој ни ги краде тие што ни се најмили. Кога некој умира, знаеме дека тоа е неминовно во животот, доаѓа смртта. Но, кога се случуваат вакви настани, тие се уште потешки и поболни, затоа што тие што сме ги очекувале да дојдат дома, никојпат не пристигнале", рече претседателот Иванов, додавајќи дека споменот за овие луѓе треба да остане вечен, да се сеќаваме на нив, да ги спомнуваме, и на нивните најблиски да им помагаме, овие тешки моменти да ги пребродат. „Тешка е загубата, но, уште потешко е ако вакви настани ни се повторуваат. Ова е поука да бидеме секој пат внимателни", рече македонскиот претседател.

„Овие луѓе кои ги изгубиле своите животи ги изгубиле своите соништа, ги изгубиле своите планови, ги изгубиле сите свои мечти, кои се стремеле да имаат добар и среќен живот. Нека биде поука да бидеме сплотени, да се почитуваме, и секојпат да си укажуваме на вакви моменти поддршка, затоа што животот е краток, многу брзо проаѓа. Нека биде животот исполнет со моменти на среќа и на радост, а не со тага, рече претседателот Иванов, изразувајќи најдлабоки сочуства до семејствата, до пријателите, до блиските, до општината и до државата.

Poseta_na_semejstva_na_zaginati_02Македонскиот претседател, во Гостивар ги посети и семејствата Узеири, Трпевски и Исмаили, чиишто членови се меѓу загинатите патници во вчерашната автобуска несреќа, што се случи на патот Скопје – Тетово, во близина на селото Ласкарци. Македонскиот претседател на семејствата и на блиските на загинатите им изрази најдлабоко сочувство за претрпената загуба.

Претседателот Иванов, во Градската општа болница 8-ми Септември во Скопје, посети дел од хоспитализираните патници кои беа повредени во вчерашната автобуска несреќа. Македонскиот претседател на повредените им посака побрзо закрепнување и што поскоро враќање во своите домови и кај своите семејства.

bolnica_2

otvaranje_skola_za_mladi_lideri_01
Претседателот Иванов: Четвртата индустриска револуција во фокусот на 10. Школа за млади лидери
Monday, 11 February 2019 17:37
There are no translations available.

Предизвиците што ги носи четвртата индустриска револуција и како да се биде успешен во оваа драстична промена во човековата цивилизација се во фокусот на Школата за млади лидери, што од денеска до 22 февруари се одржува во Струга, под покровителство на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

„Промените и предизвиците се насекаде околу нас. Сето тоа што беше основа на третата дигитална револуција, денес е инфраструктура за новата револуција. Сите процеси кои беа аналогни и дигитални, сите оние начини на производство, на трговија, на купување, на администрирање и водење се соочуваат со големи предизвици. Секаде околу нас ги гледаме последиците од таа голема трансформација и дигитализација на општеството и на човековата цивилизација. Секојдневно преку вашите паметни телефони вие сте корисници на многу услуги кои ги креираат машините со вештачка интелигенција. Многу пребарувачи учат од вас и од вашите побарувања, за да го информираат алгоритамот кој ви излегува во пресрет на следното барање или следното истражување. Многу процеси се водени од роботи и се автоматизирани", рече претседателот Иванов на свеченото отворање на Школата за млади лидери.

Според македонскиот претседател сиве овие промени се драстични за толку краток период и затоа е неопходна промена на целиот систем на едукација. Промена во сферата на образованието, промена во сферата на производството, на тргувањето, на услугите.

„Секој доколку има желба, може да биде дел од тие глобални платформи. Не да биде само пасивен набљудувач, туку и активен учесник, да дава свој придонес. Сега на интернет сите можат да комуницираат, да разменуваат искуства и знаење. За сите тие предизвици ќе ви помогнат предавачите на оваа Школа, ќе ви овозможат да навлезете во тајните на дигиталната трансформација на општеството, на економијата, дигиталната трансформација на биолигијата, на физиката, да ја сфатите моќта што ја носи блокчејн технологијата", истакна претседателот Иванов и додаде дека учесниците ќе бидат запознаени за сите нови работи кои ги носи оваа промена и како тие да успеат во тој нов свет.

Целта на Школата за млади лидери е да се создадат луѓе кои соработуваат, да се научат младите како да користат податоци, информации и како да пристапат до базите на податоци, порача претседателот Иванов.

otvaranje_skola_za_mladi_lideri_02„Во духот на оптимизмот, на креативноста и иновативноста ви посакувам успешно совладување на оваа обука, да стекнете многу нови знаења, многу вештини, многу пријателства и да сфатите дека секаде во светот системот на образование е критикуван и е во криза. Не е целта да создадете луѓе кои ќе се натпреваруваат, туку целта е да создадете луѓе кои соработуваат. Не е целта да ги научите луѓето како да меморираат, туку како да користат податоци, информации и како да пристапат до базите на податоци. Многу поголема вредност има социјалниот капитал создаден преку вмрежување, преку блискост, размена на искуства и сознанија", рече претседателот Иванов пред учесниците на годинашната Школа за млади лидери.

На годинешната Школа за млади лидери, што е лична иницијатива на претседателот Иванов, ќе учествуваат дваесетина реномирани предавачи од врвни образовни и професионални институции од Република Македонија, Европа и светот, кои ќе ги пренесат своите знаења, искуства и видувања за лидерството на вкупно 40 учесници на Школата.

На свеченото отворање, покрај претседателот Иванов, се обрати и д-р Талал Абу-Газалех, претседател на Tag-org, глобална организација за професионални услуги и едукација, кој на претседателот Иванов му додели признание за неговиот придонес за новата генерација и за неговите постигнувања во Македонија и светот. На првиот ден од Школата за млади лидери предавање одржа г. Сани Шенер, извршен директор на ТАВ аеродроми, а се одржа и панел дискусија за предизвиците на 4-та индустриска револуција, тема што е во фокусот на десеттата Школа за млади лидери.

Меѓу предавачите годинава се г-ѓа Пинар Ајваз Арикан, Генерален Директор на Turkish Airlines во Скопје, г. Штефан Петер, Претседател на извршниот одбор на ЕВН Македонија, г-ѓа Фанија Самак од компанијата Микросам од Прилеп, г-ѓа Нина Ангеловска, коосновач на Grouper.mk, г-ѓа Љупка Арсова, Инженер за животна средина во Источната Истражувачка група, со седиште во САД, д-р Разије Невзат, Координатор на Одделот за социјални медиуми и дигитален маркетинг на Источен Медитеран Универзитет, г. Хозе Антонио Моралес, директор на Lincoln Island Initiatives, со седиште во Словенија, д-р Рашела Мизрахи од Бар Илан Универзитет, Израел, г. Методија Колоски, Претседател на Обединетата Македонска Дијаспора, г. Тонис Нирк, дипломатски претставник за дигитална економија од Естонија. Предавања на школата ќе одржат и други истакнати поединци, лидери на успешни компании, и претставници на етаблирани институции од Македонија, Европа и светот.

Во рамки на одржувањето на 10. Школа за млади лидери, учесниците ќе го посетат новиот аеродром во Истанбул, отворен во октомври 2018 година, каде ќе бидат запознаени со неговото менаџирање како еден од најголемите аеродроми во светот, а ќе го посетат и седиштето на авиокомпанијата Turkish Airlines.

Школата за млади лидери беше прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот форум на бизнис ангели, а по тој повод оваа организација во 2018 година на претседателот Иванов му ја врачи наградата за Најдобар светски лидер кој инвестира во новата генерација.

otvaranje_skola_za_mladi_lideri_03

CrnoMore1
Претседателот Иванов одржа предавање во Фондацијата „Црно Море“ во Истанбул
Friday, 08 February 2019 10:28
There are no translations available.

„Многу европски политики и обиди за стабилизација на Балканот, Кавказот и Блискиот Исток потонале во она што метафорично се нарекува бермудски триаголник. Денес доминираат перцепциите за овие региони, како области на поделби, конфликти, крвопролевања", рече Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов во своето предавање во Фондацијата „Црно Море" во Истанбул, во рамки на работната посета на Република Турција.

Во предавањето на тема: „Бермудскиот триаголник на европската политика, промените во рамнотежата на Балканот и улогата на Турција", Претседателот Иванов истакна дека сето она што се случува на Балканот, Блискиот Исток и Кавказот најмногу се одразува на Турција, која се наоѓа во средиштето на Бермудскиот триаголник на европските политики".

Зборувајќи за промените во рамнотежата на Балканот, тој потсети дека како и Република Македонија, така и Република Турција со години е блокирана во европските интеграции.

„Во нејзиното непосредно соседство се водат вооружени конфликти. Црното Море и Источниот Медитеран станаа подрачја на политичка нестабилност и пропаднати држави. Низ територијата на Република Турција минаа милиони бегалци од воените жаришта на Блискиот Исток, а не ја заобиколија ниту економските мигранти од Азија и Африка кои ја користеа Источно медитеранската мигрантска рута", истакна македонскиот претседател.

Во своето предавање, Претседателот Иванов кажа дека со Вестфалскиот мир е создадена традицијата на толеранција како одговор на верските војни.

„Но, границите на толеранцијата се покажаа за време на мигрантската криза. Во многу европски општества завладеа страв, недоверба, ксенофобија. Ние на Истокот имаме традиција на почитување и прифаќање на различноста која е фундаментално различна од толеранцијата. Оваа традиција ја прави Македонија да биде тоа по што е позната, а тоа е вековниот соживот меѓухристијаните и муслиманите. Затоа, треба да го сакаме и чуваме она што го имаме, за еден ден да го добиеме и она што го немаме", заклучи Претседателот Иванов во предавањето во Фондацијата „Црно Море" во Истанбул.

CrnoMore2

istanbul0702_1
Претседателот Иванов: Протестите се израз на криза на лидерството насекаде во светот
Thursday, 07 February 2019 17:20
There are no translations available.

Протестите покажуваат дека лидерството е разведено од реалниот живот на милиони луѓе. Протестите се израз на криза на лидерството насекаде во светот. Ова го потврдуваат и статистиките, порача претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, кој денеска се обрати на претседателската сесија на 22. Евроазиски економски самит, што се одржува во Истанбул.

Иванов говореше за суштината, мотивите, но и целите на популизмот кој денеска е се поприсутен, а притоа се осврна на жолтите елеци во Франција и посочи на актуелните состојби во Британија, Венецуела, Германија.

„Луѓето кои ги гледаме како протестираат по улиците и плоштадите не се некоја точно одредена категорија на граѓани, туку луѓе од сите слоеви на општествата на кои глобалистичките елити со своите политики им ја одзедоа иднината, а на многумина им ги уништија и животите", порача Иванов.

Претседателот говореше за улогата на владеачката елита и потребата од стабилна власт.

„Таквата стабилна власт никогаш својата сила не ја црпи од силата и репресијата, туку од авторитетот и почитувањето на јавното мислење, односно волјата на граѓаните. Да се владее не значи да се украде или да се преземе моќта, туку мирно да се спроведува" порачува Иванов.

Станува збор за вистински бунт на граѓаните, додаде претседателот Иванов, против авторитетот на националните, но и европските институции, кои во името на неолибералната агенда и голиот профит ја претворија европската средна класа во прекаријат без иднина.

Глобалните елити, ќе додаде Претседателот, особено ги загрижува трендот кога довчерашните демократи по освојувањето на власта ги загрозуваат основите на демократијата.

„Очигледно е дека на западниот свет му е потребен нов идеал. Идеал што ќе ги комбинира економската динамика, индивидуалните слободи и рамнотежата во општеството. Тоа е идеалот за пристојно општество втемелено врз почитување на меѓусебните права и договори во кое секоја страна ќе знае кои се нејзините права и кои се нејзините обврски. Тоа е идеал за општество во кое договореното нема да може да биде променето од некој политичар или од владата. Односно, во кое општествените договори нема да се прекршуваат", порача претседателот Иванов на денешната претседателска сесија на 22. Евроазиски економски самит.

Темата на која се дебатираше на денешната претседателска сесија е: „Популизам: оживување на нови концепти во светот поради слабеење на либералната демократија. Дали популизмот и расизмот се причина за почеток на нови конфликти?"

Во рамки на работната посета на Република Турција, претседателот Иванов ќе одржи предавање на Фондацијата за образование, култура и заштита на животната средина „Црно море".

istanbul0702_2

marmara
Претседателот Иванов: 10-тата Школа за млади лидери ќе биде со фокус на дигиталната индустриска револуција
Wednesday, 06 February 2019 15:08
There are no translations available.

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во Истанбул, се обрати на свеченото отворање на 22. Евроазиски економски самит, што се одржува во организација на фондацијата Мармара.

Во своето поздравно обраќање на самитот што се одржува под мотото „22 години проект за мир и дијалог", претседателот Иванов изрази задоволство што темите на овој форум повеќе се фокусираат на иднината отколку на минатото, констатирајќи дека сега е вистинското време да се зборува за развојот на технологијата.

„Во третиот милениум, ние сакаме да бидеме дел од новите проекти за развој на човечкиот капитал. Но, прашањето што денес се наметнува е дали ќе бидеме активни учесници или само пасивни набљудувачи на овие неминовни процеси", рече македонскиот претседател.

Во контекст на предизвиците и можностите што ги нуди технологијата, македонскиот претседател се осврна на неговиот проект „Школа за млади лидери", што годинава ќе се одржи по 10-ти пат од 11 до 24 февруари во Струга, а во чијшто фокус ќе бидат предавања од областите на четвртата дигитална индустриска револуција.

„Школата е базирана на идејата и на визијата да им се овозможи на младите талентирани и амбициозни луѓе да ги подобрат нивните вештини и да ја развијат својата креативност и менаџерски капацитети. За изминатите девет генерации, 360 млади луѓе со различен академски и професионален фокус од Македонија и од странство имаа можност да ги слушнат предавањата и искуствата на повеќе од 200 реномирани предавачи", рече претседателот Иванов, додавајќи дека Школата беше наградена како најдобар општествено одговорен проект во Европа за 2017 година на Светскиот форум за бизнис-ангели.

Организатор на Евроазискиот економски форум е Фондацијата „Мармара", чијашто цел е унапредување на односите меѓу ЕУ и земјите од централна Азија и Блискиот Исток. Фондацијата е активно вклучена во јакнење на културата на дијалог, економската соработка и подобрување на регионалната соработка за поуспешно искористување на можностите што ги создава процесот на глобализација.
marmara_2

 
Start < Prev 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Next > End
Page 1 of 195