Претседателот Иванов во Букурешт постхумно ја одликува Лиана Думитреску со Орден за заслуги за Македонија
Петок, 07 Октомври 2011   

alt

Денеска во Букурешт, претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, постхумно ја одликува Лиана Думитреску, првиот претставник на Македонците во романскиот Парламент, со Орден за заслуги за Македонија. Думитреску е одликувана со ова највисоко признание за нејзината посветеност кон македонската заедница и унапредувањето на македонско-романските односи. Орденот за заслуги за Македонија и беше врачен на нејзината мајка Константина Думитреску, актуелен претседател на Асоцијацијата на Македонците во Романија.

„Со негувањето на македонското име и идентитет, на семејните вредности, на нашите традиции и обичаи, Лиана даваше пример којшто треба да го следат оваа и наредните генерации Македонци од пријателска Романија. Верувам дека секоја македонска заедница во светот би сакала да биде предводена, промовирана и застапувана од личност каква што беше Лиана Думитреску. Таа покажа колку е важно Македонците активно да учествуваат во општествениот, културниот и политичкиот живот во Романија, промовирајки ги со тоа македонските вредности во романското општество,“ истакна претседателот Иванов.

Нејзината мајка, Константина Думитреску, нагласи дека Асоцијацијата на Македонците во Романија ќе ја продолжи мисијата на Лиана  - да ги застапува и брани интересите на македонското малцинство во Романија.

Лиана Думитреску почина годинава на 38 годишна возраст. Таа беше првиот претставник на Македонците во Романскиот параламент во два мандата, од 2004 до 2008 година и од 2008 до 2011 година. Како пратеник беше член на повеќе комисии во Романскиот парламент, меѓу кои и во Комисијата за соработка на Романскиот парламент со Македонското собрание. Сестрано ја помогаше иницијативата за признавање на македонската заедница како официјално малцинство во Романија, а во 2002 година успешно ја реализира идејата за внесување на македонците во пописните графи на официјалниот попис на населението во Романија.

  Back<<Назад